Двајца вработени во бугарската амбасада во Москва се прогласени за персона нон грата како одговор на протерувањето на руските дипломати од Бугарија, соопшти руското Министерство за надворешни работи, а пренесе агенцијата ТАСС.
„На 20 април, бугарскиот амбасадор Атанас Крастин беше повикан во руското Министерство за надворешни работи каде што му беше вложена нота со која првиот секретар на конзуларната служба на амбасадата, Н. Панајотов, и првиот секретар на трговско-економската служба на амбасадата, Г. Кристозов, се прогласени за персона нон грата. Овие луѓе мора да ја напуштат Русија во рок од 72 часа“, се вели во соопштението.
„Оваа мерка е донесена како одговор на одлуката на Бугарија, донесена без причина во март 2021 година, за прогласување персона нон грата на двајца вработени во руската амбасада во Софија“, додава министерството.
На 23 март бугарското Министерство за надворешни работи прогласи двајца вработени во руската амбасада во Софија за персона нон грата. Руската амбасада тогаш изјави дека одлуката на бугарската страна е неоснована.
Бугарското обвинителство на 19 март соопшти дека шест активни и поранешни вработени во бугарското Министерство за одбрана и во воените разузнавачки агенции се приведени под сомнение дека шпионирале за Русија. Петмина од нив се притворни од страна на воениот трибунал, а еден беше ослободен со кауција бидејќи обвинителите не инсистираа на негово апсење.