Имаме места во болниците за следните 24 часа, можеби малку повеќе, и после тоа треба да отвориме нови капацитети, предупреди директорот на Клиниката за инфективни болести во Белград, д-р Горан Стевановиќ.
Тој изјави по состанокот со министерот за здравство и другите директори на ковид и нековид болниците, дека ситуацијата во Србија е алармантна и дека речиси нема повеќе места за ковид пациенти.
„ Приливот на пациенти не се намалува, имаме места за 24 часа и повеќе, а потоа ќе мора да се отворат нови капацитети“, рече тој, обраќајќи им се на новинарите.
Тој рече дека голем број пациенти стануваат сè помлади и кои имаат сериозни клинички слики и кои често пристигнуваат во болниците по седум дена домашно лекување.
Тој исто така повика на иницијатива – вакцината против коронавирус да биде задолжителна за здравствените работници.