Жителите на островот Евија се на стража и се решени да останат во своите домови за да се обидат да ги спасат од силните пожари што го зафатија овој грчки остров, и покрај тоа што властите ги повикаа да се евакуираат.
Се очекува грчката влада денеска да објави итни мерки за помош на оние што ги загубија своите куќи и друг имот, но за некои локални жители, напуштањето на домовите во пожар не е опција.
„Полицијата дојде и ни рече да се евакуираме од селото Авгарија, но не можеме, ова е наш имот. Не можеме да дозволиме нашите куќи да изгорат. Веќе три дена спиеме на смени“, рече Јанис Агелопулос (55), сопственик на продавница на северниот крај на островот, пренесува „Ројтерс“.
Пожарникарите очекуваат попладнево посилни ветрови, што може да предизвика повеќе пожари на овој втор по големина грчки остров, каде што огнот гори веќе осум дена, а други пожари на Пелопонез, исто така, би можеле повторно да се активираат.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа се извини за неуспехот на државата да се справи со пожарите што изгореа низ целата земја минатата недела, а властите брзо работат на утврдување на штетата предизвикана во катастрофата.
Мицотакис денеска треба да претседава со владиниот состанок, кога се очекува да бидат објавени посебни мерки за оние што загубиле куќи, фарми и друг имот, а вчера беше одобрен буџет од 500 милиони евра за помош на Евија и регионот Атика околу главниот град Атина ..