Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се обрати на германските пратеници. Тој се заблагодари на Германија за помошта, но им рече на пратениците дека нивната помош дошла предоцна за да се запре војната, пренесува Би-би-си.
Зеленски експлицитно го спомeна Холокаустот. Во својот говор тој ја употреби фразата „никогаш повеќе“, која се поврзува со Холокаустот и другите геноциди.
„Политичарите секоја година велат ‘никогаш повеќе’. Сега гледам дека овие зборови се безвредни. Во Европа се уништува народ. Зошто ‘никогаш повеќе’ не важи? Која е историската одговорност на Германија кон Украина денес?“, запраша Зеленски.
Тој, исто така, ги критикуваше германските лидери за деловните интереси на земјата во Русија.
„Можевме да ја видиме вашата подготвеност да продолжите да правите бизнис со Русија и сега сме во средината на студена војна. И повторно, ова е нешто што не успеавте да го видите. Сè уште се заштитувате зад ѕидот што не ви дозволува да видите низ што поминуваме“, порача украинскиот претседател.
Тој на крајот ја повика Германија да се справи со руската агресија и да воведе построги санкции кон Москва.
„Мирот е поважен од приходите“, им рече тој на пратениците.