Земан: НАТО да престане да биде услужна организација на САД

пред 3 години

Претседателот на Чешка, Милош Земан, побара темелно реформирање на НАТО, по фијаското на мисијата и повлекувањето од Авганистан.

Тој побара од Алијансата да престане да биде „само американска услужна организација“ и западната воена алијанса да го дефинира својот непријател, кој, според него, не може да биде Русија.

Во видео интервју за чешкиот таблоид „Блеск“, чешкиот претседател ги обвини претходниот и сегашниот американски претседател, Доналд Трамп и Џо Бајден, за хаосот по одлуката за повлекување на мултинационалната коалиција предводена од САД од мисијата во Авганистан, но и претставниците на другите членки на НАТО, кои, како што истакна тој, кукавички молчеле и само климале со главата на двата самита каде што се размислуваше за повлекувањето.

Според чешкиот претседател, актуелните драматични сцени на аеродромот во Кабул немаше да се случат доколку другите членови одлучеа да останат во Авганистан по повлекувањето на американските војници.

„Ако не бевме кукавици, тогаш ниту еден цивил немаше да чека на аеродромот во Кабул. Треба да се побара примарна причина за заминување. Примарната причина се двајца американски претседатели”, рече Земан.

Тој вети дека Чешка, сега кога веќе нема мисија во Авганистан, дополнително ќе ги намали трошоците за одбрана, иако никогаш не достигна два проценти од БДП на кои се обврзаа земјите -членки, а минатата година одвои само 1,3 проценти.

Share
Scroll to Top