Главниот влез во Високиот институт за здравство во Рим е оштетен во пламенот што се развил откако непознати лица фрлиле запаливо средство, пренесува агенцијата Анса.
Полицијата го истражува случајот, но медиумите шпекулираат дека станува збор за акт на протест против новите антиковид-мерки врз основа на кои поголемиот дел од Италија повторно е во карантин.
Институтот за здравство е најголемиот научен орган во здравствениот систем на земјата, а од почетокот на пандемијата на Ковид-19 следи, анализира и предлага антиковид-мерки.
„Непријател е вирусот, а не институциите кои се борат против инфекцијата“, рече министерот за здравство Роберто Сперанца.
За разлика од првиот карантин, пред точно една година, кога граѓаните повеќе или помалку послушно и дисциплинирано ја прифаќаа неопходната мерка за заклучување, сега чувствата на граѓаните се различни и мешани.
„Ил Фато котидијано“ пишува за гнев, страв, незадоволство, протести и предавање.
Во неделата, ден пред новиот карантин, сите продавници, кои вообичаено не работат за време на викендите, беа отворени, вклучително и фризери, берберници и салони за убавина, кои остануваат затворени во следните три недели на карантин.
На улица може да се оди само поради работа и во итни случаи, но секој излез од куќата мора да биде документиран со „автодекларација“ што полицијата ќе ја провери доколку е потребно.
Во следните три недели нема посети на пријатели или роднини, спортот е дозволен само во границите на општината каде што престојува, а рестораните и баровите остануваат затворени.
Полицискиот час останува во сила од 22 часот до 5 часот наутро следниот ден.
„Едно е сигурно, овој пат нема да има пеење од прозорците и балконите за да се бодриме едни со други“, заклучува весникот „Ил Фато котидијано“.