Неколку случаи на делта видот на коронавирус се пријавени во австралиската држава Квинсленд, а тоа ги натера властите да реагираат итно.
Квинсленд повторно воведе задолжително носење маски и го ограничи собирањето во домови.
За време на викендот беше воведена двонеделна блокада во најнаселениот австралиски град Сиднеј, како и во Дарвин на северот на земјата.
Според Би-Би-Си, бројот на лица заразени со делта сојот во Сиднеј се искачи на 128, и ова е првпат по неколку месеци да се откриваат жаришта на повеќе локации низ целата земја.
Сега, со некаква форма на заклучување или ограничување се опфатени повеќе од 10 милиони Австралијци.
„Влегуваме во нова фаза на пандемијата“, предупредија австралиските власти.
Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан, рече дека во областа вчера биле регистрирани 18 нови случаи од 59.000 тестирани.
„Треба да бидеме подготвени за значително зголемување на бројот на нови случаи, сега кога се бориме со нова варијанта“, рече таа.