Кина не ни ги даде сите податоци за потеклото на коронавирусот, реагира Светската здравствена организација

пред 3 години

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) денес изјави дека инспекторите кои го испитуваат потеклото на пандемијата на коронавирусот во Кина, не добиле пристап до главните податоци од првиот ден на ширењето на вирусот и ја повика Кина да дејствува потранспарентно.

Експертите предводени од СЗО поминаа четири недели во и околу градот Вухан со кинески колеги, по што во заедничкиот извештај во март напишаа дека вирусот најверојатно се има пренесено од лилјак на човек преку друго животно.

Во извештајот се вели дека е многу малку веројатно дека вирусот излегол од лабораторијата.

„Ја повикуваме Кина да биде транспарентна и отворена за соработка“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.

„Им должиме на милиони луѓе болни и милиони кои починаа, информации за тоа што се случило“, рече тој.

Кина ја нарече апсурдна теоријата дека вирусот избегал од лабораторијата во Вухан и редовно повторува дека политизирањето на ова прашање ја отежнува истрагата.

Тедрос утре ќе ги извести 194-те члена на СЗО за предлогот да се спроведе втора фаза од студијата, објави Мајк Рајан, експерт за итни случаи на СЗО.

„Ние сакаме да работиме со нашите кинески колеги во овој процес и генералниот директор ќе ги претстави мерките пред земјите-членки на состанокот утре“, рече Рајан.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, кој разговараше со Тедрос денеска, ја повика Кина да дозволи истрагата за потеклото на пандемијата да продолжи и ја истакна потребата од повеќе информации.

Share
Scroll to Top