Додека научниците во Германија предупредуваат на опасноста од „делта“ или т.н индиски сој на коронавирус, во светот веќе се шири нова варијанта на коронавирусот.
Научниците сега треба да истражуваат колку е опасен вирусот „ламбда“ што брзо се шири, особено во Латинска Америка.
Вирус Ц37 или едноставно ламбда. Можно е наскоро името на овој вид да се најде на насловните страници низ целиот свет. Пред една недела, Светската здравствена организација го класифицираше овој вид во категоријата „под опсервација“, бидејќи доведува до чести инфекции и се појавува истовремено во неколку земји. Поточно, во 29 земји, а седум од нив се латиноамерикански земји: Бразил, Колумбија, Еквадор, Мексико, Аргентина, Перу и Чиле.
Варијантата „ламбда“ првпат се појави во август 2020 година во Перу. Скоро една година подоцна, тој вид доминира таму со 82 проценти. Во Чиле, овој вид ја предизвикува секоја трета инфекција.
Хаиро Мендез-Рико, експерт за вирусни заболувања во Светската здравствена организација, изјави дека досега нема индикации за агресивно однесување на варијантата „ламбда“.
„Иако постои можност за поголема стапка на инфекција, сепак немаме докажано истражување за споредување на овој вид со веќе постоечките соеви „гама“ и „делта “.
„Гама“ и „делта“ соевите, како и претходните „алфа“ и „бета“ варијанти на коронавирус, спаѓаат во „загрижувачките соеви“ . Докажано е дека се повеќе заразни, потешко се контролираат и доведуваат до сериозни болести“, вели Мендез-Рико.
Потенцира дека вакцината е ефикасен лек против мутантни соеви: “Сите одобрени вакцини се генерално ефикасни против сите варијанти на коронавирус кои се во оптек низ целиот свет. Нема причина да претпоставуваме дека тоа не е случај и со „ламбда“ сојот”.
Многу научници тврдат дека пандемијата ќе заврши само кога ќе се вакцинираат 80 проценти од светската популација. Дотогаш, постојано може да се појавуваат нови варијанти на вирусот. Сепак, Хаиро Мендез-Рико смирува: “Иако ја има таа можност, во моментот нема индикации дека варијантите се поопасни или доведуваат до зголемена смртност. Коронавирусот веројатно ќе стане заразен во својот еволутивен процес, но не повеќе штетен за домаќинот “.
Пабло Цукајама е баран соговорник кога станува збор за „ламбда-вирусот“. Овој перуански микробиолог, со неговиот тим од Универзитетот Кајетано Хереди во Лима, ја откри оваа варијанта во неговата татковина.
“Во декември, имавме само 200 инфекции со вирусот „ламбда“. На крајот на март, тоа беше половина од сите нови инфекции во Лима, а сега, три месеци подоцна, тоа е 80 проценти во целата земја. „Ламбда“ стана доминантен вид во Перу за многу кратко време“, вели тој.
Цукајама потсетува дека новата варијанта најде идеални почетни услови во неговата земја.
„Ние сме земјата што помина најлошо во пандемијата, имаме 187. 000 починати и највисока стапка на смртност во светот. Затоа, не е ни чудо што се појави нова варијанта токму тука“, посочи експертот.