Норвешкaта премиерка Ерна Солберг е под истрага поради можни прекршувања на мерките за борба против коронавирусот, објави полицијата.
Солберг го прославила својот 60-ти роденден минатиот месец во скијачкиот центар Геило со членови на нејзиното пошироко семејство. Во два наврати се собрале повеќе од десет лица, прекршувајќи ја одредбата за јавни собири. Конзервативната премиерка вели дека требало да биде повеќе свесна за правилата.
Изјавата и медиумските извештаи биле основа полицијата да започне истрага. Треба да се покаже дали се прекршени локалните или националните ограничувања, а резултатите од истрагата на крајот ќе ги процени обвинител.
Според норвешката јавна мрежа НРК, повеќе од десет членови на семејството на премиерката вечерале заедно во два наврати, од кои еднаш во локален ресторан, кога Солберг не била присутна. Сепак, таа била на вториот собир, во изнајмен стан каде 14 лица јаделе суши, се вели во извештајот.
Националните мерки во февруари ги ограничија приватните собири во ресторани на најмногу десет лица. Земјата со 5,3 милиони жители, досега забележа околу 84.000 случаи на коронавирус и 643 смртни случаи.