Отворени сме за сите – Грчкиот министер објави кога точно почнува летната сезона

пред 2 години

Грчкиот министер за туризам Василис Кикилијас денеска најави дека туристичката сезона официјално ќе започне на 1 март, многу порано од лани.

Откако пандемијата на корона вирусот го запре глобалното патување во 2020 година, грчкиот туризам ја претрпе најлошата година во историјата со само седум милиони посетители кои донесоа приход од четири милијарди евра, пишува Ројтерс.

Индустријата, која сочинува една петтина од економијата, почна да закрепнува минатата година кога сезоната, која официјално започна во мај, донесе околу 10,5 милијарди евра приход, многу помалку од рекордот на сите времиња поставен во 2019 година.

– Има голема побарувачка и голема динамика за грчкиот туризам во 2022 година – изјави министерот за туризам Кикилијас во интервју за Ројтерс.

Порано отворање на сезоната значи дека хотелите што се затвораат во зимските месеци ќе можат повторно да се отворат порано.

Кикилијас, кој беше министер за здравство во екот на пандемијата на корона вирусот, не сакаше да зборува за прогнозите за оваа година, само рече дека ќе биде подобра од 2021 година.

Грција напредна над нејзините цели за приходи за 2021 година, што тој ги опиша како „позитивен знак на оптимизам“.

Земјата веќе ги олесни мерките за ограничување на патувањето воведени за борба против ширењето на Ковид-19, а на целосно вакцинираните посетители не им треба негативен тест за да влезат во земјата.

– Грција од денеска е отворена за сите. Но, вистинската сезона, летната сезона, за нас започнува на 1 март – рече Кикилијас.

Share
Scroll to Top