Петков: Нема потреба да се распоредуваат сили на НАТО во Бугарија

пред 3 години

Новиот бугарски премиер Кирил Петков изјави дека Бугарија не донела никаква одлука за распоредување на силите на НАТО.

„Бугарија не разговарала со никого и не донела никаква одлука за можно распоредување на силите на НАТО во регионот на Црното Море, како одговор на распоредувањето на руски војници долж границата со Украина“, изјавил Петков, пренесуваат регионалните медиуми.

Неговиот коментар уследи по вчерашната објава на Фејсбук на бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев, кој исто така рече дека Бугарија не гледа потреба од распоредување војници на НАТО на своја територија како одговор на акумулацијата на руските сили долж границата со Украина, пренесува Ројтерс.

„Јасно кажав дека сме и ќе бидеме активна членка на Европската Унија и НАТО. Ваквата одлука ќе биде усогласена“, рече Петков, истакнувајќи дека Бугарија, која влезе во НАТО во 2004 година, е за поголема дипломатија и мирни решенија и помалку воени разговори за безбедноста на источното крило на ЕУ и НАТО.

Според медиумите, бугарскиот министер за одбрана синоќа ги потврдил информациите дека во рамките на НАТО се разговарало за различни опции, вклучително и присуството на бугарски и романски војници во Црното Море како дел од мисијата наречена „Подобрено напредно присуство“, во која НАТО веќе распоредува дополнителни сили во Балтичките држави и во источна Полска, објави претходно Ројтерс.

„Мојот став е дека таквиот пристап потенцијално може да доведе до непожелно зголемување на тензиите во регионот“, објавил синоќа министерот Јанев на Фејсбук, додавајќи дека засега нема причина распоредувањето на руските војници да се смета за директна закана за Северноатлантската алијанса и нејзината зона на влијание.

Тој додал дека Бугарија внимателно ќе ја следи ситуацијата и дека е подготвена да го зголеми капацитетот на своите вооружени сили во рамките на засилените напори на НАТО за одвраќање и одбрана, доколку е потребно.

„Колку помалку се фокусира на воениот потенцијал и колку повеќе се бараат дипломатски решенија, толку подобро за Бугарија“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков.

Share
Scroll to Top