Протести во Словенија, се бара отворање на училиштата

пред 4 години

Во последните 24 часа, со намален опсег на тестирање, потврдени се 580 нови инфекции со коронавирус и 13 смртни случаи. Словенечката влада почнува да се соочува со незадоволство кај јавноста поради долгорочни рестриктивни мерки кои сè уште не ги дадоа посакуваните резултати.

Стотици родители и деца протестираа во Копер против одлуката на владата повторно да ги затвори училиштата и градинките во регионот Обално-крашка по само неколку дена настава во живо, поради малку зголемениот број на нови случаи, а се најавуваат и слични настани во некои региони за утре.

„Училиштата мора да бидат отворени“, „Децата се уморни од Зум и учење од далечина“, се дел од транспарентите со кои демонстрантите во Копер го изразија своето незадоволство.

Според словенечките медиуми, Владата донела одлука за затворање на училишта и градинки во некои региони без консултација со епидемиолози, но премиерот Јанез Јанша вели дека отстапувања од претходно утврдените критериуми нема да има, затоа што поради неизвесната епидемиолошка состојба е сосема можно училниците една недела да бидат отворени, а следната недела да бидат затворени, поради што е потребна трпеливост.

Така, владата сега дозволува работа на градинки и паралелки од прво до трето одделение од основните училишта во само 7 од 12-те региони и инсистира на критериумот дека системот за образование во училниците за учениците од основните и средните училишта ќе може повторно да се отвори само кога бројката на хоспитализирани во земјата од Ковид-19 ќе падне на помалку од илјада, со пад на бројот на дневни инфекции, исто така, на илјада случаи.

Според Министерството за здравство, во словенечките болници во моментов има 1.053 ковид пациенти, но просечниот број на дневни инфекции е сè уште висок – просекот за последните седум дена е 1.222 нови случаи.Со нови 13 смртни случаи, бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Словенија се зголеми на 3503.Бројот на вакцинирани сè уште расте, така што досега 52,926 лица се вакцинирани со една доза на вакцина, а 22,830 со двете дози.

Share
Scroll to Top