Русија го повика својот амбасадор во Соединетите американски држави назад во Москва на консултации за иднината на американско-руските односи по изјавите на американскиот претседател Џо Бајден дека Владимир Путин „ќе ја плати цената“ за мешање во изборите.
Бајден рече дека рускиот претседател Путин „ќе ја плати цената“ за наводно мешање во изборите, а на прашањето дали мисли дека Путин е убиецот, тој одговорил потврдно.
Русија одговара дека станува збор за неосновани обвинувања.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало својот амбасадор Анатолиј Антонов во Москва да разговара за иднината на односите меѓу Русија и САД.
„Потегот е направен за да се осигура дека билатералните врски не се влошуваат непоправливо“, се вели во руското соопштение.
„Главната работа за нас е да идентификуваме начини на кои можат да се санираат нарушените руско-американски односи што Вашингтон ги доведе во ќор сокак последните години“, рече во изјавата портпаролот на министерството, Марија Захарова.
Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, рече „Путин е наш претседател и напад врз него е напад врз нашата држава“.
„Бајден со своите изјави ги навредуваше граѓаните на нашата земја“, додаде овој близок соработник на претседателот Путин во првата реакција на изјавите на американскиот претседател, пренесуваат руските медиуми.