Русија и нареди на Врховната воена команда утре да го започне процесот на враќање на војниците во нивните постојани бази во земјата, со образложение дека успешно е извршен „брзиот преглед“ на состојбата на силите на југ и запад, близу границата со Украина, пренесува руската новинска агенција РИА.
„Верувам дека целите за брз преглед на состојбата на воените сили се целосно постигнати. Војниците ја покажаа својата способност да обезбедат кредибилна одбрана за земјата“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Соодветно на тоа, додаде тој, одлучил да ги прекине активностите на воените сили во јужните и западните воени области. Шојгу рече дека војниците ќе се вратат во своите бази до 1 мај.
По набљудувањето на воените вежби на Крим, Шојгу исто така рече дека армијата мора да биде подготвена брзо да одговори во случај на „неповолен“ развој на ситуацијата во рамките на воената вежба на НАТО „Бранител на Европа“, пренесе агенцијата „Интерфакс“.
Мултинационалната воена вежба „Бранител на Европа“ е годишна воена вежба предводена од американската војска, а нејзината цел е да изгради подготвеност и интероперабилност помеѓу американските и другите војници на НАТО, како и другите партнери. Од март до јуни, повеќе од 28.000 војници од 26 земји ќе спроведат вежби во повеќе од 30 области за обука во десетина земји.