Руски медиуми за убиствата во Буча: Снимката е лажна, се гледаат мртoвци како се движат и стануваат

пред 3 години

Додека од Буча се појавуваат страшни снимки и фотографии од мртви тела, некои руски медиуми тврдат дека станува збор за разработена измама.

Се работи за наратив кој според медиумите во Украина е лажен.

Прогласувањето на вести за лажни или ширењето лажни извештаи со цел да се поткопаат противниците е тактика што Москва ја користи со години на места како Сирија, пишува АП.

Водители на руските државни ТВ канали тврдат дека некои фото и видео докази за убиствата се лажни, додека други покажуваат дека Украинците се одговорни за крвопролевањето.

„Меѓу првите што се појавија беа украински кадри, кои покажуваат како мртво тело ненадејно ја движи раката“, објавија вечерните вести на Русија 1 во понеделникот. „А во ретровизорот се гледаат мртви луѓе како стануваат“.

Новинари на АП пак тврдат дека виделе десетици мртви во Буча за време на викендот. Велат дека многу од нив биле застрелани од непосредна близина, а на некои им биле врзани рацете зад грб. Најмалку 13 тела имало во и околу зграда, за која жителите велат дека се користела како база за руските војници.

Сепак, руски официјални лица и државните медиуми продолжуваат да го промовираат својот наратив, повторувајќи го во весниците, на радио и телевизија. Во истакната статија на порталот на популарниот провладин весник „Комсомолскаја правда“, Украина е обвинета за масовните убиства. Насловот гласи: „Уште еден непобитен доказ дека ‘геноцидот во Буча’ го извршиле украинските сили“.

Во колумна објавена од државната новинска агенција РИА Новости во вторникот се сугерира дека убиствата во Буча биле трик за воведување построги санкции кон Русија.

Share
Scroll to Top