Словачка за еден ден тестираше еден милион луѓе – тестовите се бесплатни

пред 3 години

Повеќе од еден милион Словаци вчера беа тестирани за коронавирус, како дел од огромната логистичка операција за тестирање на поголемиот дел од населението преку викенд со цел да се сузбие пандемијата.

Властите посочуваат дека амбициозниот план да се тестира мнозинството граѓани над 10 години од 5,5 милиони жители е прв во земја со таква големина.

Овој план го следат и други земји, кои размислуваат како да се забави ширењето на вирусот.

Повеќе од 40.000 лекари, војници, полицајци, административни работници и волонтери вршат тестови на околу 5.000 локации.

До пладнето вчера биле тестирани 828.518 лица, од кои 7.947 биле позитивни.

„Очигледно тестиравме над милион луѓе“, рече министерот за одбрана Јарослав Над, додавајќи дека над три милиони луѓе може да бидат тестирани за време на викендот.

Премиерот Игор Матовиќ рече дека се надева дека планот ќе овозможи да се идентификуваат и изолираат доволно заразени лица за да се избегне строг карантин за другите.

Тестирањето е бесплатно и доброволно, но владата ќе им пропише карантин на оние кои не одговарат на повикот, вклучително и забрана за одење на работа.

Антиген тестот дава резултати за само 15 минути до половина час, но е помалку точен од ПЦР тестот.

Вториот круг тестирање ќе се одржи за една недела.

Share
Scroll to Top