Словенечкиот премиер Јанша на страната на Трамп до самиот крај

пред 3 години

Словенечкиот премиер Јанез Јанша пред неколку дена му ја честиташе победата на Доналд Трамп, откако тој додека се броеја гласовите објави дека освоил втор претседателски мандат.

Иако според денешните проектирани резултати Трамп ја загуби битката за Белата куќа, Јанша повторно се јави со поддршка за републиканскиот кандидат.

„Интересно. Жалби се поднесени во сите држави на САД каде што има тесна разлика. Судовите дури и не започнаа да одлучуваат. Сепак, #МСМ (а не некое официјално тело) го прогласува победникот. Честитки доаѓаат од сите страни. Тоа е владеење на правото“, напиша Јанша.

Во честитката која што словенечкиот премиер ја упати до Трамп стоеше:

„Сосема е јасно дека американскиот народ ги избра Доналд Трамп и Мајк Пенс за уште четири години. Колку повеќе мејнстрим медиумите ги одложуваат и негираат фактите, толку поголема ќе биде конечната победа за претседателот. Честитки за Републиканската партија за силните резултати насекаде низ САД“, напиша Јанша на англиски јазик на „Твитер“, заедно со слики од привремените резултати во неколку американски сојузни држави.

Јанша со своите твитови предизвика зачуденост кај словенечката јавност, но и во европските политички кругови, бидејќи изразување политичко сочувство во текот на изборниот процес во други земји, не е вообичаено, а тој беше особено критикуван од домашната опозиција од левиот центар.

Share
Scroll to Top