Студија спроведена на здравствени работници во Јужна Африка покажува дека две дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“ обезбедуваат 85 процентна заштита од хоспитализација во случај на зараза со омикрон варијанта.
„Џонсон и Џонсон“ објави и своја посебна студија, која покажува дека нејзината втора доза е исклучително ефикасна како бустер вакцина за оние кои првично биле вакцинирани со „Фајзер“, пишува ABC News.
Лабораториска студија покажа дека бустер дозата на вакцината „Џонсон и Џонсон“ ги зголемила нивоата на антитела повеќе од третата доза на „Фајзер“ – кај оние кои претходно биле вакцинирани со вакцината.
Дали е добро да се мешаат вакцините?
Овие недамнешни податоци ја поддржуваат тезата дека мешањето вакцини може да биде ефикасна стратегија, но треба да се има во предвид оти ова е лабораториска студија и резултатите би можеле да имаат свои ограничувања.
„Нашата анализа покажува дека бустер дозата на вакцината Џонсон и Џонсон предизвика значително зголемување на неутрализирачките антитела во случајот со варијантата омикрон“, рече имунологот Ден Барух, директор на Центарот за вирусологија и истражување на вакцини во BIDMC.
Вакцината „Џонсон и Џонсон“ се смета за помалку ефикасна од вакцините „Фајзер“ и „Модерна“. Многу експерти се согласуваат дека една доза на „Џонсон и Џонсон“ не е толку ефикасна како две дози на други производители.