Судот во Стразбур: Мерките за заклучување не претставуваат лишување од слобода

пред 4 години

Европскиот суд за човекови права денес го прогласи за неприфатливо барањето на романскиот член на Европскиот парламент неговата земја да биде осудена поради воведување мерки за заклучување во борбата против коронавирусот.

„Нивото на ограничувачки мерки за слобода на движење не ни дозволува да сметаме дека општо затворање изречено од властите претставува лишување од слобода“, се вели во едногласната одлука на Судот во Стразбур, додавајќи дека мерката не може да се изедначи со домашен притвор.

Пратеникот, како што се додава, не беше предмет на индивидуален надзор на властите, не беше принуден да живее во тесен простор и можеше да воспостави социјални контакти и да го напушти својот дом од разни причини.

Затоа, тој не можеше да се повика на одредбите на Европската конвенција за човекови права во врска со правото на слобода, додаде судот, истакнувајќи дека тој може да се повика на одредбите што се однесуваат на слободата на движење.

Кристијан-Василе Терхес, кој беше избран во Европскиот парламент во 2019 година од списокот на опозициската Социјалдемократска партија, се обрати пред судот во Стразбур.

Романскиот пратеник најпрво им се обрати на домашните правосудни органи затоа што сметаше дека е во административен притвор поради воведување мерки на заклучување со кои се ограничува неговиот излез од домот помеѓу 24 март и 14 мај 2020 година, и побарал веднаш да го ослободат.

Share
Scroll to Top