Фаучи: САД ќе се приклучат на Ковакс-механизмот

пред 3 години

САД, под претседателство на претседателот Џо Бајден, имаат намера да се приклучат на Ковакс-механизмот, чија цел е да се доставуваат вакцини во сиромашните земји, изјави за Светската здравствена организација (СЗО) главниот медицински советник на Бајден, Ентони Фаучи.

„Претседателот Бајден ќе издаде директива подоцна денес која ја вклучува намерата на САД да се приклучат на Ковакс и ќе го поддржат АКТ-забрзувачот во унапредувањето на мултилатералните напори за вакцината против Ковид-19, терапевтската и дијагностичката дистрибуција, непристрасниот пристап и кон истражувањето и кон развојот“, рече Фаучи пред Извршниот одбор на СЗО, објави „Ројтерс“.

Тој рече дека САД ќе останат членка на СЗО.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ја поздрави намерата на САД изјавувајќи дека тоа е добар ден за СЗО и добар ден за глобалното здравје.

Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, го прекина финансирањето на СЗО, каде што САД беа најголем донатор и најави постапка за повлекување од Агенцијата во јули 2021 година.

Share
Scroll to Top