Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 1.030 нови случаи на коронавирус, сто повеќе од претходниот ден кога имаше 937. Премиерот Јанез Јанша предупредува дека трендот на раст на новозаразени во последните денови е загрижувачки.
„Секој ден сме сѐ поблизу до црвената фаза. Ширењето на вирусот е забрзано со британската варијанта и ова бара дополнителна претпазливост. За жал, април оваа година ќе биде сличен на минатата година“, напиша Јанша на „Твитер“, потсетувајќи на минатогодишниот прв бран на епидемијата, проследен со неколкумесечно затворање.
Во последните 24 часа од коронавирус во Словенија починале шест лица, со што бројот на смртни случаи достигна 3.967 од почетокот на епидемијата.
Во земјата досега се вакцинирани 179.351 лице. Државниот врв вчера беше вакциниран со вакцината на „Астра зенека“ за да се докаже дека е безбедна.