Џонсон:Најмалку едно лице заразено со сојот омикрон починало

пред 3 години

Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, изјави дека најмалку еден пациент за кој е потврдено дека е заразен со омикрон сојот на корона вирусот починал.

“За жал, пациентите кај кои е регистриран омикрон завршуваат во болница, а за жал барем еден пациент кој се разболел од овој сој починал”,изјави Џонсон.

Британскиот премиер порача дека треба многу да се внимава.

“Идејата дека ова е на некој начин поблага варијанта на вирусот треба да се стави на едната страна, а од друга страна да се гледа пошироката слика и како тој забрзано се шири. Најдоброто нешто што можеме да направиме е да примиме бустер доза”, изјави британскиот премиер.

Обединетото Кралство претходно го подигна „нивото на тревога“ поради сојот омикрон во целата земја. Премиерот Џонсон тогаш ги повика сите граѓани што поскоро да добијат бустер доза од вакцината бидејќи, како што истакна, Велика Британија е во вонредна ситуација.

Во своето денешно обраќање премиерот рече дека омикрон сега е присутен кај 40 отсто од пациентите заразени со корона вирусот во Лондон.

Затоа, како што наведе, бустер дозите треба да се поделат со неверојатна брзина.