Четири земји-членки на НАТО, Полска, Естонија, Летонија и Литванија го активираа членот 4 на НАТО да започнат консултации во рамките на Алијансата за рускиот напад врз Украина.
„Страните ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена“, се вели во член 4 од Северноатлантскиот договор.
Консултациите, според член 4, може да доведат до колективна акција меѓу 30 земји-членки.
Оваа точка претходно била активирана шест пати од формирањето на Алијансата во 1949 година, последен пат од страна на Турција во февруари 2020 година, откако десетици турски војници беа убиени во напад на сириските владини сили во областите контролирани од опозицијата во северна Сирија.
Полска се повика на членот 4 во 2014 година по претходната руска агресија врз Украина, состанок што резултираше со дополнителни напори од страна на Алијансата за заеднички да се спротивстави на сите закани.