Бугарија ја критикувa „Астразенека“ за доцнењето со вакцините: „Ни ја земавте надежта“

пред 4 години

Бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, ја критикуваше Астразенека за неуспехот да ја испочитува договорената испорака на вакцини.

Бугарија исто така побара итна распределба на 52.800 дози, кои се одложени за 1 март, со порака дека оваа фармацевтска компанија му ја одзела надежта на бугарскиот народ.

Со остар тон, Ангелов напиша дека неуспехот на Астразенека да ги достави договорените вакцини ја компромитира масовната кампања за вакцинација што Бугарија ја започна минатата недела, објави „Ројтерс“.

Многу Бугари побрзаа да земат вакцини во саботата, зголемувајќи го бројот на имунизирани граѓани, но брзо останаа без дози на Астразенека.

Британско-шведската компанија и соопшти на Европската унија дека ќе ги намали испораките за 60 проценти поради проблеми со производството.

Според шемата на ЕУ, Бугарија нарача 4,5 милиони дози од вакцината „Астразенека“, кои треба да пристигнат во следните седум месеци.

Во февруари требаше да пристигнат 450.000 дози, а испорачани се 117.000 дози.

Испораката на 142.400 дози, потврдена на 15 февруари, сега е поместена за 1 март и е намалена за две третини, се вели во писмото на Ангелов.

Share
Scroll to Top