Млада Русинка, девојка на белорускиот новинар Роман Проташевич, која беше уапсена откако авионот на „Рајанер“ принудно слета во Минск, се појави во снимката на „признание“ од затвор.
Видеото е објавено на провладиниот канал на Телеграм во вторникот и покажува девојка како седи на стол, за која се вели дека е Софија Сапега (23), партнерка на опозицискиот активист Роман Проташевиќ.
На снимката, за која се сомнева дека е снимена под принуда, Сапега вели дека на „Телеграм“ води канал наречен „Црната книга на Белорусија“, кој објавува приватни информации за полицијата – кривично дело поради кое може да помине 15 години во затвор.
Нејзината снимка на „признанието“ од затвор се појави откако беше објавено многу слично видео на Проташевич, во кое таа „признава“ дека минатата година тој организирал масовни демонстрации во Белорусија. Соработниците и неговото семејство по објавувањето на видеото рекоа дека признанието е принудено, пренесува „Дејли мејл“.
Како што може да се заклучи од видеото, се чини дека Софија не е повредена, што не беше случај со нејзиното момче.
Имено, неговиот татко Дмитриј Проташевич изјави дека на видеото се гледа дека му е скршен носот на синот и дека тој е нашминкан за да ги сокрие модринките на лицето.
Роман и Софија беа уапсени во неделата откако авионот на „Рајанер“ од Грција кон Литванија, каде што живеат и двајцата, беше пренасочен на аеродромот во Минск, придружуван од МиГ-29, по лажна дојава за бомба.
Двајцата беа уапсени по слетувањето, а овој инцидент предизвика остра осуда од Западот. ЕУ воведе санкции кон Белорусија и и забрани да го користи европското небо.