Германската влада одобри домашни компании да доставуваат оружје и воена опрема за Израел со вредност речиси десет пати поголема отколку во цела 2022 година, покажуваат податоците на Министерството за економија.
До 2 ноември Владата издаде дозволи за извоз на оружје во Израел во вредност од речиси 303 милиони евра, покажуваат податоците што дпа ги доби денеска од Министерството за економија.
Сумата е речиси 10 пати поголема отколку во цела минатата година кога беше одобрена испорака на оружје во вредност од околу 32 милиони евра.
Речиси 85 отсто од 218-те извозни дозволи, од кои 185, беа издадени по нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинската милитантна група Хамас.
„По терористичкиот напад на Хамас врз Израел, германската влада, со оглед на актуелната ситуација, дава приоритет на барањата за извоз на воена опрема во Израел и нивно решавање“, соопшти Министерството.
Министерството за економија мора да одобри извоз на оружје во договор со Министерството за надворешни работи и Канцеларијата за контрола на извозот (БАФА). Во особено чувствителните случаи, во постапката е вклучен и германскиот Совет за безбедност.
Според доставените информации, проектилите и артилериските гранати сочинуваат околу шест отсто од одобрениот извоз, со вредност нешто помала од 19 милиони евра, наведува агенцијата дпа.
Најголем удел во извозот има опремата како оклопни возила, воени камиони и заштитно стакло, со вредност на испораките од околу 284 милиони евра.
Во принцип, владата не објавува детали за испораките или конкретни информации за извезените производи, делумно со цел да го задржи идентитетот на производителот во тајност.
Текстот Германија одобри десеткратно зголемување на извозот на оружје во Израел е превземен од МАКФАКС.