Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA) се согласи да плати отштета од речиси 244 милиони долари на околу 200 жени кои го обвинуваат поранешниот гинеколог Џејмс Хепс од Универзитетската мрежа за сексуален напад.
Во спогодбата, се опфатени 203 жени кои рекле дека доктор Џејмс Хепс несоодветно допирал, симулирал сексуален однос со ултразвучна сонда или давал несоодветни коментари за време на прегледите во Студентскиот медицински центар UCLA, медицинскиот центар Роналд Реган во UCLA или неговата канцеларија во кампусот за време на неговата 35-годишна кариера. Деталите не се објавени, пренесуваат тамошните медиуми.
Преку стотина тужби се тврди дека од универзитетот намерно ја сокриле сексуалната злоупотреба на Хепс врз женски пациенти и му дозволиле да продолжи да има непречен пристап до наводните жртви долги години. Во спогодбата поднесена пред судот во Лос Анџелес, универзитетот се согласи да плати 243,6 милиони долари за 203 луѓе кои тврдеа дека Хепс ги нападнал.
Преку оваа историска спогодба им се овозможува на овие храбри жени да ги постигнат своите граѓански цели, отворајќи го патот за нивно континуирано закрепнување , рече еден од адвокатите, Џон Менли.
Универзитетот UCLA почна да го истражува Хепс во 2017 година, а тој се пензионираше следната година откако неговиот договор не беше продолжен. Во спогодбата, сепак, не се опфатени повеќе од 300 пациенти кои се уште го тужат. На Хепс му се заканува и кривична пријава од седум пациенти.
„Тој е категоричен дека е невин, а ние моментално водиме судски спор пред апелациониот суд“, рече адвокатот на Хепс, Леонард Левин. Минатиот месец, Универзитетот во Мичиген објави дека ќе плати речиси половина милијарда долари на илјада студенти и спортисти кои биле сексуално злоупотребувани од лекар во институцијата, Ричард Андерсон.
Во друг случај, Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC) во Лос Анџелес се согласи да плати вкупно 1,1 милијарда американски долари преку три посебни договори на стотици жени жртви на поранешен гинеколог вработен во кампусот, што е најголемиот износ од овој тип на компензација забележан до денес.