Четириесет и пет новинари и медиумски работници беа убиени во 2021 година, една третина помалку од претходната година, но загубата е особено висока во Азија, соопшти Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ).
„Бројот 45 е меѓу најниските откако ИФЈ почна да објавува годишни извештаи за новинари убиени во текот на нивната професија, и вклучува насочени убиства, смртни случаи од вкрстен оган и бомбашки напади“, се вели во соопштението.
Организацијата, која има 600.000 членови во 140 земји, од 1991 година изброила 2.721 убиени новинари ширум светот.
„Опасностите поврзани со вооружениот конфликт се намалија во последниве години бидејќи пристапот до медиумските работници е сè поограничен и тие се сè помалку присутни во конфликтните зони“, објаснува ИФЈ.
„Истовремено, заканите поврзани со активностите на криминалните групи и нарко-картелите продолжуваат да растат, од мексиканските сиромашни квартови до европските градови во Грција и Холандија, а има и голем број насочени убиства“, соопшти организацијата.
Гледано по региони, на прво место според бројот на убиени медиумски работници, 20 од нив се во Азија и Пацификот, потоа Америка со 10, Африка со 8, Европа со 6 и Блискиот Исток и арапскиот свет со еден убиен новинар.
Во тој број на загинати од 45 новинари треба да се вклучи и смртта на двајца новинари во Иран.
Падот на бројот на убиства на новинари во 2021 година „е добра вест, но е мала утеха за насилството што ги однесе животите на 9 новинари во Авганистан, 8 во Мексико, 4 во Индија и 3 во Пакистан“, соопшти ИФЈ.
„Новинарите и медиумските работници најчесто се убиени затоа што разоткриле корупција, криминал и злоупотреба на власта во заедниците, градовите и земјите во кои работат“, пишува ИФЈ.
Организацијата повикува на усвојување „нова конвенција на Обединетите нации за заштита на новинарите“.