Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на НАТО преку видео врска.
Тој рече дека чувствува оти Украина е заглавена во еден вид сива зона меѓу Западот и Русија, бидејќи не е членка на НАТО, а ги брани, како што кажа, заедничките вредности.
Тој рече дека побарал воздушна поддршка за одбрана на небото над Украина од почетокот на војната бидејќи Украина нема моќни системи за противвоздушна одбрана.
Исто така обвини дека Русија користи оружје за масовно уништување и последиците може да ги видат сите.
„Ова е нерамноправна борба“, рече Зеленски, барајќи неограничена воена поддршка за да се спасат украинскиот народ и градови.
Тој посочи дека Русија го користи својот арсенал без ограничувања и намерно напаѓа градови, болници и мостови. Досега Украина не добила ниту еден воен авион. Вели и дека молел за тенковите: „Дајте ни ги, продадете ни ги“, но сепак не добил јасен одговор од членките на НАТО.
„Украина не сака да води војна со години. Ние едноставно сакаме да преживееме и да го спасиме нашиот народ“, рече Зеленски, додавајќи дека не го обвинува НАТО.
„Нашите градови не се уништени од ракети на НАТО“, додаде тој.
„Но, НАТО може да помогне да се избегнат нови смртни случаи со испраќање муниција и оружје во Украина“, нагласи украинскиот претседател, според кого се работи за прашање на живот и смрт.
Зеленски ја обвини Русија за употреба на забранети фосфорни бомби утринава: „Деца повторно умираат, луѓе умираат“, изјави тој.
Би-би-си наведува дека Зеленски не соопштил каде се случил нападот со фосфор, ниту пак дал конкретни докази за таков напад.