Иран ја осуди нормализацијата на односите меѓу Израел и Судан

пред 4 години

Иранското Министерство за надворешни работи го осуди потегот на суданските власти, кои во петокот се согласија да ги нормализираат дипломатските односи со Израел.

Израел и Судан, со американско посредување, се согласија да ги нормализираат односите, со што Картум стана трета арапска престолнина што ги прекина непријателствата со Израел во последните три месеци.

„Платете доволно висок откуп, затворете ги очите кон злосторствата извршени врз Палестинците и тогаш ќе бидете избришани од таканаречената црна листа на ‘терористи’“, се вели во соопштението на Министерството.

„Очигледно списокот е лажен, како и американската борба против тероризмот. Срамота!“, се додава во текстот.

Американскиот претседател Доналд Трамп го најави потегот во петокот во Белата куќа. Претходно во текот на неделата, тој рече дека Судан се согласил да плати 335 милиони долари на американски граѓани кои биле жртви на терористички напади.

Исплатата дозволи Судан да се отстрани од озлогласената американска листа на спонзори на тероризам.

Иран, исто така, остро го осуди нормализирањето на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Бахреин со Израел во средината на септември.

Иранскиот претседател Хасан Рухани тогаш ги нарече земјите „поданици на САД, чии водачи ја загрозуваат безбедноста на целиот регион“.

Share
Scroll to Top