Поранешниот шампион во шах Гари Каспаров, руски дисидент и противник на Владимир Путин, го повика Западот да ја исклучи Русија од финансиските пазари поради инвазијата на Украина.
„Исклучете ја Русија од светските финансиски пазари. Погрижете се рускиот финансиски систем повеќе да не произведува ресурси за воената машина на Путин“, изјави Каспаров за „Кориере дела Сера“ во саботното издание.
Каспаров, кој моментно престојува во Њујорк, му порача на Западот дека мора да дејствува и да му покаже на Путин која е цената која ќе ја плати.
„Доведете ја до банкрот воената машина на Путин, замрзнете и запленете ги руските финансии и неговите“, рече Каспаров, кој на својот профил на „Твитер“ пред два дена напиша дека нема смисла да се разговара и дека треба да и се понуди единствена порака на Русија да престане или да биде целосно изолирана.
„Но, наместо тоа, вие само зборувате за економската цена што Путин треба да ја плати, но Украинците ја плаќаат со своите животи“.
Каспаров, кој на 22 години стана најмладиот неприкосновен светски шампион во шах, исто така тврди дека светот треба да најде замена за руската нафта и гас.