Лидерите на Г20 најразвиени економии во светот денеска се договорија за завршната изјава во која повикаа на „смислена и ефикасна“ акција со цел да се ограничи глобалното затоплување, односно да се спречи зголемувањето на температурата на Земјата за повеќе од 1,5 степени Целзиусови.
Освен ветувањата, малку земји се обврзаа на нешто конкретно, што ги разочара активистите кои се борат против климатските промени. Резултатот од неколкудневните тешки преговори е таков што останува уште многу да се договори на климатската конференција на ОН во Глазгов, каде што многу лидери на Г20 ќе отпатуваат директно од Рим, посочува „Ројтерс“.
Лидерите на Г-20 направија компромис да се заложат за јаглеродна неутралност до или околу средината на векот.
Во финалната изјава се вели дека „националните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови ќе бидат подобрени по потреба“, но не се наведува никаков конкретен рок освен 2050 година, кога треба да се запрат емисиите на јаглерод диоксид, јавува „Гласот на Америка“.
Тие се договориле и да го прекинат јавното финансирање на производството на електрична енергија, кое се добива од јаглен во странство, но не поставиле цел за постепено отстранување на јагленот во земјите.
Групата 20, која ги вклучува Бразил, Кина, Индија, Германија и САД, произведува околу 80 отсто од вкупната количина на штетни гасови.
ОН претходно објавија дека ограничувањето на затоплувањето на планетата за 1,5 степени ќе спречи драстично влошување на времето и дека поплавите, бурите и сушите ќе бидат поретки.
За да се постигне таа цел, потребно е до 2050 година да престане да испушта јаглерод диоксид.
Кина, најголемиот загадувач, си постави за себе краен рок до 2060 година, а ниту Индија ниту Русија не се обврзаа да ги намалат емисиите на гасови до 2050 година.
Експертите на ОН предупредуваат дека дури и да се спроведат сите актуелни национални планови за борба против климатските промени, температурата ќе се зголеми за 2,7 степени – што ќе предизвикува се повеќе екстремни временски услови и катастрофи.