Воен авион на Филипините се сруши и се запали на југот на земјата, при што загинаа 45 лица, вклучително и цивили на земјата, соопшти Министерството за одбрана, по најголемата воена воздушна катастрофа на Филипините во последните две децении.
Пет воени лица се уште се’ водат за исчезнати, додаде Министерството.
Aвионот превезувал војници за да учествуваат во операциите против бунтовниците на Филипините. Во леталото имало вкупно 96 патници и екипаж.
Околу 50 од нив се пренесени во болница, се вели во соопштението на војската.
„Двајца цивили кои се најдоа на земја исто така загинаа, а четворица се повредени“, рече портпаролот на Министерството за одбрана.
Сликите од местото на несреќата покажуваат пламен и густ црн чад кој се издига од делови од авионот.
Авионот се обиде да слета на аеродромот, но прелета преку пистата по што не успеа да полета повторно и се урна.
„Беа забележани бројни војници како скокаат од авионот пред тој да удри во земјата“, наведуваат медиумите.
Портпаролот на армијата, полковник Едгард Аревало, рече дека „нема знаци на напад врз авионот“, но дека истрагата за несреќата сè уште не е започната и напорите сега се насочени кон спасување и лекување на патниците.
Најлошата авионска несреќа беше онаа на авионот „Боинг 737“ на „Ер Филипини“ во 2000 година, во кој загинаа 131 лице.