Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Франција е подготвена да соработува со Унгарија во интерес на ЕУ, и покрај политичките разлики меѓу двете земји, нагласувајќи го помирувачкиот тон во време кога Париз се подготвува да го преземе шестмесечното претседавање со Европска Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан исто така зборуваше со помирувачки тон пред разговорите во Будимпешта, велејќи дека Унгарија го почитува францускиот лидер и ја поддржува намерата на Макрон да ја направи ЕУ посамостојна во одбраната, нуклеарната енергија и земјоделството, објави Ројтерс.
Париз и Будимпешта се во конфликт околу неколку прашања, вклучувајќи ги правата на ЛГБТ луѓето, но и за владеењето на правото и демократските стандарди.
Макрон сака другите земји од ЕУ да ги поддржат приоритетите што тој ги постави за шестмесечното претседателство на Франција со европскиот блок, кое започнува во јануари, а меѓу нив е подобра заштита и контрола на границите на ЕУ.
„Односот на Унгарија кон претседателот Макрон е полн со почит. Франција е дом на енциклопедисти, тие се најдобри кога станува збор за дефинициите, затоа ги прифаќаме нивните дефиниции: она што неодамна го слушнавме од претседателот е дека ние сме политички противници, но во исто време сме и европски партнери“, рече Орбан пред разговорите со Макрон.
Унгарската влада денеска соопшти дека договорила со Франција неколку прашања кои се од стратешко значење за европската иднина.
Во видеото објавено на неговата Фејсбук страница, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто исто така ги опиша двете земји од ЕУ и како партнери и како противници.