Жена од Сингапур, која била заразена со коронавирус во март додека била бремена, роди син со развиени антитела на Ковид-19, пренесува Ројтерс.
Бебето е родено во ноември без Ковид-19, но со антитела на болеста, објави во неделата „Стрејтс тајмс“.
„Моите лекари веруваат дека пренесов антитела на Ковид-19 на бебето за време на бременоста“, изјави Селин Нг-Чан за весникот.
Чан имала благи симптоми на болеста и била отпуштена од болницата по две и пол недели.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека сè уште не е познато дали бремените жени со Ковид-19 го пренесуваат вирусот на фетус или бебе за време на бременоста или породувањето.
До денес, активниот вирус не е пронајден во примероците на течности околу плодот во матката или во мајчиното млеко.
Лекарите во Кина објавија дека откриле антитела на Ковид-19 кај бебиња родени од жени заразени со коронавирус, но и постепено опаѓање на бројот на антитела со текот на времето. Тие ги објавија своите откритија во октомвриското издание на научното списание Emerging Infective Diseases.
Преносот на вирусот САРС-CoV-2 од мајка на новороденче е редок, заклучиле лекарите од Универзитетот Колумбија.