Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, по средбата со највисоките воени претставници, јавија денеска севернокорејските медиуми.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Наредбата на севернокорејскиот лидер предизвикува загриженост за можното надополнување на одбранбените капацитети на Пјонгјанг со тактичко нуклеарно оружје, процени Ројтерс.
Воениот самит во Пјонгјанг беше внимателно следен поради зголемените шпекулации дека Северна Кореја би можела да го изврши својот прв нуклеарен тест по пет години, што според американските и јужнокорејските власти може да се случи во секое време.
Ким претседаваше со тридневната седница на осмиот пленум на Централната воена комисија, на која највисоките функционери „поддржаа важна одлука за обезбедување воени гаранции со цел да се зајакне военото одвраќање на земјата“, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
За време на состанокот беше одлучено Северна Кореја да ги зајакне оперативните должности на своите единици на фронтот со „важен план за воена акција“.
Агенцијата не ги објави деталите за тој план, кој очигледно е насочен кон Јужна Кореја, велат аналитичарите во Сеул, пренесува Ројтерс.
„Северна Кореја можеше да ја додаде можната употреба на тактичко нуклеарно оружје на своите нови оперативни планови со оглед на употребата на терминот воено одвраќање што се користи за нуклеарни капацитети“, рече Хонг Мин, соработник во Корејскиот институт за национално обединување во Сеул.
Вчера агенцијата објави фотографија од највисоките функционери на Северна Кореја на состанок со карта на источниот брег на Корејскиот полуостров, каде што се наоѓаат јужнокорејските нуклеарни централи, пренесе Ројтерс.
Официјален претставник на јужнокорејското Министерство за обединување изјавил дека се чини дека Пјонгјанг намерно ја објавил оваа фотографија и дека најверојатно ќе продолжи со заканите кон Сеул.
Запрашан за состанокот на воениот самит на Северна Кореја, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол кажал дека Сеул подготвува „силен одговор“ на активностите на Пјонгјанг.