Словенечкиот институт за јавно здравје (НИЈЗ), во соработка со белгиските здравствени власти, ја испитува трагичната смрт на младата сопруга на словенечки дипломат во Брисел, која по вакцинирањето доби венска тромбоза и почина од мозочен удар во болница откако неколку дена беше во критична состојба.
Жената која имала помалку од 40 години била вакцинирана пред десетина дена со вакцина против Ковид-19 од „Џонсон и Џонсон“, која се дава во единечна доза, а првите тешкотии ги почувствувала по неколку дена.
Според Словенечката телевизија, таа прво имала главоболка и отечена нога, а на лекарски преглед и дијагностицирале длабока венска тромбоза и одредена терапија, но после тоа добила мозочен удар и починала по неколку дена поминати во болница во критична состојба.
Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) покрена постапка за да утврди дали компликациите и последователната смрт се поврзани со вакцинацијата, односно можните негативни несакани ефекти на вакцината. Ова сега го истражува стручна комисија при Министерството за здравство, во која посочуваат дека сите информации што ќе ги добијат од белгиските здравствени власти ќе бидат важни за проценка на случајот.
Вакцината на „Џонсон и Џонсон“, како и онаа на „Астразенека“, е векторска вакцина за која е откриено дека предизвикува згрутчување на крвта во исклучително ретки случаи.
Ова е потврдено и од Европската агенција за лекови (ЕМА), која продолжува да ги следи ваквите случаи.