Позицијата на Европската Унија е многу јасна кога станува збор за Западен Балкан и границите, нема ништо што треба да се промени, рече денес портпаролот на Европската комисија, Пeтeр Стано, одговарајќи на новинарско прашање за наводниот нон-пејпер, документ на словенечкиот премиер Јанез Јанша кој според некои медиуми тој веќе го има испратено во Брисел.
Европската Комисија соопшти дека тие не знаеле за ваков документ и дека медиумите треба да ги контактираат словенечките партнери или Европски совет, до чиј претседател наводно бил испратен документот, пишуваат агенциите.
„Не сме примиле, виделе или знаеле за таков „нон-пејпер“, па затоа нема да коментирам нешто што е претпоставена тема на тој документ и за кое велите дека се граници“, рече Стано на брифинг со новинарите.
„Овде нема што да се смени. Позицијата на ЕУ е многу јасна кога станува збор за Западен Балкан и границите. Нема ништо што треба да се смени тука. Треба да работиме на регионална соработка, помирување, тоа е логиката на процесот на пристапување “, рече Стано, додавајќи дека сите можни отворени прашања меѓу земјите во регионот треба да се решат во процес што не навлегува во опасни зони, придржувајќи се кон до законите и принципите на ЕУ.
Самиот Јанша ги негираше обвинувањата, велејќи дека последен пат се сретнал со Мишел минатата година и додаде дека било тешко да му предаде било што во февруари или март годинава.