Талибанците бараат да се обратат на Генералното собрание на ОН

пред 3 години

Талибанците побараа да им се обратат на светските лидери пред Обединетите нации, a за таа прилика го назначија својот портпарол во Доха, Сухаил Шахин.

Талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутак писмено побара од генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, нивниот претставник да се појави во Њујорк.

Мутаки побара од Шахин да зборува за време на годишното Генерално собрание на Обединетите нации, кое завршува в понеделник, на 27 септември.

Портпаролот на Гутереш, Фахран Хак потврди дека Мутаки испратил писмо, а „Ројтерс“ додава дека со овој потег започнува судирот на талибанците со Гулам Исачај, амбасадорот на соборената влада на Авганистан.

Хак рече дека барањата на ривалите за местото на Авганистан во Обединетите нации биле испратени до телото од девет членови, вклучително и претставници на САД, Кина и Русија. Меѓутоа, тоа тело нема да се состане пред понеделник, па под знак прашалник е дали талибанците ќе успеат воопшто да им се обратат на светските лидери.

Доколку ОН на крајот прифатат талибанскиот амбасадор да се обрати, тоа ќе биде значаен чекор на исламистичката група кон меѓународно признавање, што би можело да ги отклучи потребните средства за колабираната авганистанска економија.

Гутереш рече дека желбата на талибанците за меѓународно признавање е единствениот лост што другите земји можат да го искористат за да ги притиснат да формираат инклузивна влада, да ги почитуваат човековите права, особено жените.

Share
Scroll to Top