Компаниите Codemasters и EA ги претставија кориците за новата игра F1 22.

Покрај новиот стил на името на играта наменета за љубителите на Формула 1, на нејзината корица има три нови лица и тоа Чарлс Леклер, кој е и амбасадор на EA SPORTS, Ландо Норис и Џорџ Расел.

„Ф1 22 ги слави најдобрите млади и талентирани возачи во Формула 1 и возбудени сме поради подлабоката соработка со Чарлс Леклер. Ќе работиме со него во текот на целата сезона за да ги доближиме нашите играчи што е можно поблиску до акцијата“, изјави Ли Матер, креативен директор за играта Ф1 во компанијата Codemasters.

Не е изоставен ниту актуелниот шампион Макс Верстапен, кој освои централно место на насловната страница на F1 22 Champions Edition, заедно со уште тројца поранешни шампиони во Ф1, Луис Хамилтон, Себастијан Фетел и Фернандо Алонсо. Овие четворица возачи имаат вкупно 14 титули и богато искуство.

Играта F1 22 доаѓа со нови правила кои важат од оваа сезона, а вклучена е и нова патека во Мајами, која е во фокусот на новиот трејлер за играта.

Играчите ќе можат да уживаат во различни режими на игра, а за прв пат е овозможен и crossplay, така што корисниците на компјутери, PlayStation и Xbox ќе можат заедно да ја играат новата игра.

F1 22 ќе се појави на пазарот на 1 јули.

фото: кликс.ба