Новиот уред кој треба да служи како помош при евтаназија е забранет во една европска земја.

Станува збор за капсула наречена Sarco, а швајцарската влада ја забрани употребата на оваа технологија непосредно пред премиерата.

Како што соопштија властите во кантонот Шафхаузен, здружението што стои зад оваа капсула ќе се соочи со „сериозни правни последици“ доколку ја искористи – тука е вклучена и потенцијална затворска казна до пет години, како што пренесува швајцарскиот портал „Блик“.

Збор или два за самата технологија: Sarco (кратенка од саркофаг) е футуристичка капсула направена за „мирна смрт со помош на брзо намалување на нивото на кислород, а во исто време одржува ниско ниво на јаглерод диоксид“, го опишува здружението Exit International.

Тие додаваат дека целта е на човекот „да му се даде чувство на патување до нова дестинација“, но критичарите генерално веруваат дека овој начин на рекламирање ја „романтизира смртта“.

Обвинителството на Шафхаузен, во објаснувањето на забраната, рече дека нема веродостојни информации за начинот на употреба, па затоа е нејасно кој всушност има контрола врз механичките процеси за време на умирањето.

На социјалните мрежи коментарите се главно негативни, па корисниците се и згрозени и изненадени од ваквиот начин на користење на технологијата.