Роверот на NASA, Perseverance го претвори јаглерод диоксидот од атмосферата на Марс во кислород, што е прва таква трансформација направена на друга планета, соопшти Вселенската агенција.

„Ова е клучен прв чекор во претворање на јаглерод диоксид во кислород на Марс“, рече Џим Ројтер, еден од помошниците директори на NASA.

Технолошката демонстрација се случи на 20 април, а NASA се надева дека идните верзии на експерименталниот систем ќе му помогнат на човекот еден ден да користи трансформиран кислород од Марс.

Ова може да им помогне на астронаутите кои би оделе на мисија на Марс да избегнат носење поголеми количества кислород за потоа да се вратат на Земјата.

Експериментот е извршен со помош на специјалниот уред The Mars Oxygen In-Situ Resource Utilization Experiment (MOXIE), што е, всушност, налик на кутија со големина на акумулатор, сместен на предната страна на роверот.

Користи електрична енергија и хемиски процеси за да ги оддели молекулите на јаглерод диоксидот, правејќи кислород од една страна и јаглерод моноксид од друга страна.

Во првиот обид MOXIE произвел пет грама кислород, што е доволно астронаутот да дише 10 минути во нормални услови.

Инженерите на NASA ќе спроведат дополнителни тестови и ќе се обидат да го зголемат производството.