Американската Агенција за национална безбедност (NSA) го искористила партнерството со странската разузнавачка служба на Данска за да ги шпионира високите претставници на соседните земји, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, објави Данската државна телевизија DR.
Наодите се резултат на интерната истрага во Данската разузнавачка служба за одбрана во 2015 година, за улогата на NSA во партнерството, објави DR, повикувајќи се на девет неименувани извори со пристап до истрагата.
Според истрагата, која го опфаќала периодот од 2012 до 2014 година, NSA шпионирала високи функционери во Шведска, Норвешка, Франција и Германија со помош на дански подводни интернет кабли, вклучувајќи го и поранешниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и поранешниот водач на германската опозиција, Пир Штајнбрик.
Запрашан за коментар за извештајот на DR, портпаролот на германската канцеларија рече дека дознал за наводите, дури кога новинарите го прашале за нив и одби да коментира понатаму.
Данската министерка за одбрана Трине Брамсен одби да ги коментира „шпекулациите“ за разузнавачките работи во медиумите.
„Генерално можам да кажам дека оваа влада го има истиот став како поранешниот премиер во 2013 и 2014 година – систематското прислушување на блиските сојузници е неприфатливо“, рече Брамсен во изјавата за Ројтерс.
Во Вашингтон, NSA и Кабинетот на директорот на Националната разузнавачка служба (DNI) одбија да дадат коментар. Портпаролот на данската разузнавачка служба за одбрана, исто така, одби да даде коментар.
На територијата на Данска, која е близок сојузник на Соединетите Американски Држави, има неколку клучни станици за подморски интернет кабли од и до Шведска, Норвешка, Германија, Холандија и Велика Британија.
Преку насочени пребарувања и употреба на софтвер за анализа, развиен од NSA, познат како Xkeyscore, Агенцијата пресретнувала повици, смс и чет пораки до и од телефоните на официјалните лица во соседните земји, изјавија извори за DR.
Интерната истрага во данската разузнавачка служба за одбрана беше покрената во 2014. година, поради загриженоста околу Едвард Сноуден и протекувањето на податоците претходната година, и во неа е откриено како делува NSA, наведува DR.
Сноуден побегна од САД откако обелодени тајни досиеја на NSA во 2013 година, а потоа доби азил во Русија.
По извештајот на DR, Сноуден објави криптичен коментар на дански јазик на Твитер, истакнувајќи: „Барем да постоеше некоја причина за истрага пред многу години. Ох, зошто никој не нè предупреди?”
Штајнбрик изјави за германската телевизија ARD дека е „гротеска тоа што пријателските разузнавачки служби навистина ги пресретнуваат и шпионираат врвните претставници“ на други земји.
„Политички сметам дека се работи за скандал“, рече тој.
Шведскиот министер за одбрана Питер Хултквист рече за шведската телевизија СВТ дека „бара целосни информации“. Норвешкиот министер за одбрана Френк Баке-Јенсен истакна за телевизијата NRK дека сериозно ги сфаќа обвинувањата.
Францускиот министер за европски прашања Клемен Бон изјави за радиото „Франс Инфо“ во Париз, дека извештајот на DR треба да се провери и дека, доколку биде потврден, тоа би било „сериозна“ работа.
„Овие потенцијални факти се сериозни, мораат да се проверат“, рече тој, додавајќи дека може да има „некои дипломатски протести“.
Според данската телевизија DR, одлуката во август минатата година да се суспендира шефот на Данската разузнавачка служба за одбрана и уште тројца други официјални лица, по критиките и обвинувањата за сериозни прекршоци од независниот одбор што ја надгледувал агенцијата, била фокусирана на истрагата во 2015 година.
Данска минатата година соопшти дека ќе покрене истрага за случајот врз основа на информациите од извештајот на дојавувач. Оваа истрага се очекува да заврши подоцна оваа година.