Според предвидувањата на еден аналитичар, поради проблем во последниот квартал од оваа година, Apple би можел да забележи приходи помали за 4,5 милијарди долари.
За околу месец и половина Apple треба да ја одржи својата најважна годишна конференција на која ќе ги претстави новите модели на iPhone, Apple Watch и можеби уште еден уред. Најмногу, секако, се очекува од претстојната генерација на телефони на компанијата, кои се најголемите генератори на приходи и профит на компанијата, па секој потенцијален проблем со iPhone може да влијае на состојбата на берзата и на заработката на Apple.
Изгледа дека компанијата ќе има доста проблеми со двата најсилни модели од новата генерација на своите телефони – iPhone 15 Pro и Pro Max. Како што објавија технолошките медиуми минатата недела, Apple ги предупреди своите добавувачи дека има проблеми со спроведувањето на новиот производствен процес за споменатите два модели, што може да резултира со нивни недостиг по септемвриската презентација. Проблемот лежи во производството на екранот, кој во споредба со актуелната верзија би требало да биде малку поголем, а Apple има намера тоа да го постигне со намалување на рамката околу екранот.
Според луѓе запознаени со ситуацијата, екраните произведени за Apple од LG Display не поминале тестови за доверливост за време на производството. Посебно голем проблем има моделот 15 Pro Max, кој, како што стојат работите, оваа година ќе биде многу тешко да се добие. Тоа е голем проблем за Apple бидејќи се знае дека потрошувачите се најактивни и најмногу купуваат во последниот квартал, кога се чини дека многумина нема да можат да го купат iPhone што го планирале.
Новите верзии на уредот, кои Тим Кук ќе ги претстави во првата половина на септември, треба да имаат една голема промена – USB-C слот за полнење на телефонот, а очекуваме и класични надградби како поиздржлива батерија и помоќен хардвер.
Според аналитичарот Вамси Мохан од Bank of America Global Research, одложувањето и доцнењето на новиот iPhone може да го чини Apple дури 4,5 милијарди долари. Имено, досега пазарните аналитичари предвидуваа дека во последните три квартали од оваа година компанијата ќе оствари приходи од 91,6 милијарди долари, додека Мохан сега предвидува дека овие приходи ќе изнесуваат 87,1 милијарди долари.
Apple, се разбира, нема коментари за таа ситуација. Официјалните информации веројатно нема да ги знаеме до втората или третата недела од септември, кога Кук и тимот на Apple обично ги претставуваат новите модели на iPhone.