Технолошките компании Google и Facebook подготвиле заедничка одбрана во антимонополските тужби поднесени против нив од редица сојузни држави, но и од сојузни органи како Федералната трговска комисија (FTC).

Според одделна тужба поднесена од десет сојузни држави, а до која дојде Волстрит журнал, се дознава дека двете компании се договориле „да соработуваат и меѓусебно помагаат“ во подготовките на антимонополската истрага.

Во десетте сојузни држави на власт се републиканците со републикански државни обвинители. Тие денеска поднесоа тужба против Google за наметнување монопол во онлајн рекламниот бизнис, и ковање заговор со Facebook да се истиснат помалите рекламни компании.

Против двата технолошки гиганти досега се поднесени уште две заеднички тужби од речиси сите сојузни држави во САД, и од федералните служби како ФТЦ, одговорни да сузбиваат нелојална конкуренција. Против Facebook е отворен посебен случај поради преземањата на WhatsApp и Instagram.

Facebook ги отфрли обвинувањата, и укажа дека двете компании биле купени не за да се наштети на конкуренцијата, туку да се зголемат понудите за избор и привилегии за издавачите и огласувачите.

Од Google изјавија дека нема ништо погрешно или ексклузивно во договорот за аукции на реклами со Facebook.

– Тврдењата се неточни, ние не манипулираме со аукциите, изјави портпарол на Google.

Според договорот, се работи за тоа Facebook да добие фиксен процент од рекламни аукции. Внатрешен меморандум на Facebook го оценил договорот како „евтин“, во споредба со директната конкуренција.