Креаторот на Firefox донесе одлука да не се откаже од своите екстензии за да ја заобиколи цензурата.
Пркосејќи на „упорните барања“ од рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор, Mozilla неодамна соопшти дека ќе го врати локалниот пристап до пет екстензии што ја заобиколуваат цензурата.
Mozilla ги повлече екстензиите на Firefox, вклучително и Censor Tracker и Runet Censorship Bypass, во Русија на почетокот на овој месец без директно да ги извести нивните развивачи, пишува Регистар.
Цитирајќи ги „неодамнешните регулаторни промени во Русија“, Mozilla изјави за рускиот медиум Комерсант на 6 јуни дека нејзината одлука да ги отстрани проширувањата е привремена. Во тоа време, компанијата рече дека „внимателно ги разгледува следните чекори, земајќи ја предвид нашата локална заедница“.
Со „регулаторни промени“, се чини дека Mozilla мислеше на руската забрана од 1 март за веб-страници и реклами кои нудат информации за виртуелни приватни мрежи или VPN. Засегнатите екстензии нудат пристап до веб-страните блокирани во Русија, вклучувајќи ги и Tor страниците и „библиотеките, енциклопедиите, политичките страници на опозицијата“. Најмалку две екстензии се со отворен код и истовремено достапни на Github складиштето на код во сопственост на Microsoft.
Сепак, во задоцнет одговор на лутите коментари на нејзиниот форум за поддршка, каде што корисниците се сомневаа во ветувањето на компанијата за отворен Интернет, менаџерот за односи со заедницата и програмерите Едвард Саливан рече дека Mozilla ќе го врати пристапот до екстензии.
„Остануваме посветени на поддршката на нашите клиенти во Русија и ширум светот и ќе продолжиме да се залагаме за отворен и достапен Интернет за сите“, рече Саливан во соопштението.
„Корисниците треба да бидат слободни да го приспособат и да го подобрат своето онлајн искуство преку екстензии без непотребни ограничувања“, се додава.