Пет години по премиерата на истоимениот концепт, германскиот производител претстави сериска верзија на хиперспортскиот автомобил Mercedes-AMG One.
Еден од најуспешните тимови во историјата на Формула 1 конечно доби сериски модел кој ќе остане запишан во историјата на автомобилите. Можете да го доживеете исто како Формула 1 болид што ни е законски дозволено да го возиме на пат.
Во однос на дизајнот, Mercedes остана речиси целосно доследен на концептот од 2017 година. Сè е таму, од вратите што се отвораат нагоре, централната аеродинамична перка, до активните елементи како што е подвижниот заден спојлер.
Промените се минимални и главно се однесуваат на задниот дел каде што новиот дифузор крие три издувни цевки. Исто така, автомобилот има сосема нови тркала со карбонски капаци. И хаубата е изработена од карбонски влакна, а страничните ретровизори сега се малку поголеми.
Враќајќи се на елементите на активната аеродинамика, возачот има три поставки, и тоа за Highway за секојдневна употреба, Track со пет пати поголем потисок и Race DRS каде отпорот на воздухот е дополнително намален за да му се олесни на возачот да претекнува.
Под хаубата има хибриден погон. Синергетскиот ефект е 1.063 КС, а се состои од 1.6 V6 бензинец со црвено поле при 11.000 вртежи во минута и четири електромотори.
Верувале или не, само мал бензинец произведува 574 КС, додека електромоторите пак додаваат 163 КС (на коленестото вратило), 122 КС (интегрирани со турбината) и две парчиња на предната оска со вкупно 326 КС.
Погонот е на сите четири тркала, со напомена дека предните тркала се движат исклучиво од електрична енергија. Тој е целосно приспособлив и управуван од torque vectoring систем.
Помалку е важно што батеријата има капацитет од 8,4 kWh и обезбедува автономија на електрично возење од 18,1 km.
За стандардот Еуро 6, Мерцедес има инсталирано четири катализатори, два керамички конвертори, два филтри за честички и титаниумски заден придушувач.
Максималната брзина е ограничена на 352 km/h, а автомобилот до 100 km/h забрзува за 2,9 секунди. Достигнува 200 km/h за 7 секунди, а до 300 km/h за 15,6 секунди.
Сите 275 најавени примероци беа однапред продадени по почетна цена од над 2,75 милиони евра.