Дијана била бремена кога се случила несреќата и планирала да се венча со Доди ал-Фаед

Дијана била бремена кога се случила несреќата и планирала да се венча со Доди ал-Фаед

пред 2 години

Кралското семејство дознало дека принцезата Дијана е бремена и планирала да се венча со своето момче Доди ал-Фаед, па затоа ја исценирале несреќата во која загинаа во тунелот во Париз во 1997 година. Ова го тврди таткото на Доди, Али Мохамед ал-Фаед, кој рече дека и самиот повел истрага.

По несреќата се иницираа голем број прашања и теории за тоа што навистина се случило таа ноќ. Набргу потоа францускиот суд утврди дека несреќата ја предизвикал нивниот возач Анри Пол, кој исто така загина вечерта и дека бил под влијание на алкохол.

Ал Фаед во повеќе наврати ги обвини британските безбедносни служби дека ја испланирале несреќата за да ја спречат принцезата од Велс се омажи за муслиман. Поднесе тужби за да принуди голем број американски агенции да ги објават податоците за кои верува дека ќе го докажат овој заговор.

Ал Фаед е сопственик на познатата лондонска стоковна куќа „Херодс“, пренесува „Еј-би-си њуз“.

Во изјава снимена на видео, а прикажана за конференција за новинари во Вашингтон, Фаед на годишнината од несреќата обвини неколку американски агенции, меѓу кои и ФБИ, ЦИА и Националната безбедносна агенција, за подметнување и вети дека ќе продолжи со приватна истрага.

„Направија сè што е во нивна моќ да го одложат случајот и попречат во објавувањето на документите што би докажале поврзаност меѓу американските, париските служби и британската тајна служба. Барам поддршка од американскиот народ за да извршам притисок преку членовите на Конгресот да се објават документите што ќе ја откријат вистината за трагедијата. Не се сомневам дека смртта е резултат на убиство, со расизам во сржта“, рече тој.

Убеден е дека нејзиното тело било балсамирано за да се скрие дека во тие моменти била бремена. Според него, англиската принцеза била бремена од син му Доди и планирале да се венчаат. Неговите адвокати изнесоа и неколку докази, кои ја поткрепуваат оваа теорија.

Иако пријателите на Дијана ги отфрлиле ваквите наводи, претставниците на Ал Фаед на годишнината го претставија истражувањето од тимот професионалци, кои делумно бараат објавување на извештајот од обдукцијата на Дијана. Биле шокирани кога дознале дека нејзиното тело било балсамирано само неколку часа по смртта. Велат таквата постапка е необична затоа што во тие моменти сè уште не била направена обдукција. Рекоа дека чудно е што дури ни телото на Доди Фаед не било балсамирано толку бргу. Сето ова е направено затоа што течноста за балсамирање би произвела лажен позитивен резултат во кој било постмортален тест за бременост.

Рекоа дека не знаат дали ѝ е направен таков тест на принцезата и дека ќе имаат подобра претстава за тоа дали е бремена или не кога ќе ја разгледаат посмртната анализа.

Се утврди дека трупот на принцезата Дијана немал време ни да се олади, па набрзина бил балсамиран кршејќи ги сите правила. На овој начин била уништена секоја можност за форензичко испитување. Сето тоа било направено во Париз, додека специјалниот авион, без да го исклучи моторот, чекал телото да биде донесено и да полета за Англија. Никогаш не се ни открило името на лицето што наредило балсамирање на нејзиното тело.

Францускиот судија негирал дека одобрил балсамирање на телото на принцезата Дијана или дека некој од британската амбасада во Париз разговарал со него за таква работа. Францускиот балсамер, кој го подготвил телото, рекол дека тој ја предложил процедурата, пишува „Торонто стар“.

Препаратите што се користат за време на балсамирањето спречуваат последователно повторно испитување на трупот. Доколку британските лекари сакале повторно да откријат во каква состојба била принцезата, да речеме, неколку секунди пред катастрофата, веќе не можеле да го сторат тоа.

Адвокатите потоа презентираа и посредни докази за да го поддржат верувањето дека возачот Пол, всушност ,не бил пијан во моментот на несреќата. Објавија видео од поранешниот британски шпион Ричард Томлинсон, кој рече дека несреќата во која загина Дијана ги имала сите знаци на исцениран случај.

„Комбинацијата на силните светла во тунелот ме натера веднаш да размислам дека можеби не станува збор за несреќа“, рече тој.

Сугерирал дека примероците од крвта, кои биле земени од Пол, можеле да се сменат и да се намести дека бил пијан затоа што и други 15 лица починале таа ноќ во Париз.

„Официјалниот извештај за Хенри Пол вели дека тој е алкохоличар, но неговиот црн дроб не бил оштетен, што е невообичаено ако знаете нешто за алкохолизмот“, рече Марк Заид, адвокатот на Ал Фаед.

Во претходните интервјуа Томлинсон рече дека Пол бил шпион на британската разузнавачка служба МИ6 и дека се сретнал со извршната власт пред несреќата. Рече дека Пол исчезнал половина час пред кобното возење и дека имал голема сума пари во џебот.

Ситуацијата сè уште е нејасна, а претставниците на Ал Фаед признаа дека немаат цврсти докази, но дека нивните наоди иницираат прашања што ги оправдуваат нивните напори да добијат информации.

Share
Scroll to Top