Британската принцеза Дијана загина во сообраќајна несреќа на 31 август 1997 година, а нејзината смрт и до денес за многумина е мистерија, поврзана со интриги и нејаснотии. Првата сопруга на Чарлс, најстариот син и наследник на кралицата Елизабета Втора, иако е почината повеќе од две децении, сè уште е една од најважните фигури во модерната кралска историја. Но нејзината смрт и понатаму е поврзана со шпекулации – од фактот дека станува збор за трагична несреќа, до тоа дека сè било однапред планирано и исценирано.
Според официјалните информации, автомобилот во кој се возеле Дијана, нејзиниот партнер Доди Ал Фајед, телохранителот Тревор Рис-Џонс и возачот Хенри Пол, на 31 август пред полноќ удрил во еден од столбовите на тунелот во Париз. Возачот и Доди починале на лице место. Телохранителот е единствениот кој ја преживеал несреќата, а Дијана починала четири часа подоцна во болница.
Во минутите по несреќата, полусвесна на задното седиште, со повредена глава и граден кош, Дијана тивко го довикувала името на Доди, тврди телохранителот Џонс. Папараците што ја следеле низ цел Париз ја сликале и на смртната постела.
Околу еден часот по полноќ, информацијата за несреќата преку амбасадорот стигнала до палатата во Шкотска, каде што биле поранешниот сопруг на Дијана, Чарлс, и неговата мајка, кралицата Елизабета Втора. Чарлс бил информиран дека Дијана имала сообраќајна несреќа, но дека ја скршила само раката. Преку новинарите, околу 3:30 часот, принцот Чарлс и кралицата дознале дека Дијана починала на операционата маса. Елизабета наводно го убедила Чарлс да не ги буди принцовите Вилијам и Хари, туку да им ја соопшти тажната вест следното наутро.
Чарлс бил избезумен, знаел дека јавноста ќе го обвини за сè и се плашел дека е загрозен опстанокот на монархијата. Тој бил дополнително преплашен од медиумското внимание кое знаел дека сега ќе се насочи и кон неговата љубовница Камила, која таа вечер го тешела преку телефон. Кога утрото им кажале на Вилијам и Хари дека нивната мајка починала, ги однеле на миса, додека во Лондон владеел општ хаос.
Чарлс со сестрите на Дијана со приватен авион отишол во Париз да го земе телото, а Елизабета и Филип одбиле да се вратат во Лондон. Тие тврделе дека сакаат да ги заштитат внуците пред да се соочат со јавноста на погребот. Јавноста почна да ја повикува кралицата да даде одговори, а некои дури и навестуваа дека таа е одговорна за убиството на принцезата Дијана. Од Бакингемската палата со денови молчеа и многумина веруваат дека кралицата Елизабета во тоа време била на најниската точка на популарност меѓу Англичаните.
Јавниот притисок на крајот ја принудил да се огласи. На денот на погребот, кралицата прошета меѓу многуте цвеќиња и букети пред палатата, се поклони пред ковчегот на Дијана и првпат во историјата го спушти знамето над Бакингемската палата на половина копје. Погребот, кој траеше повеќе од пет часа, се одржа на 6 септември. Три милиони луѓе беа на улиците на Лондон, а преносот го следеа речиси три милијарди луѓе.
Вилијам и Хари седеа во црквата покрај нивниот татко и баба. Никој од нив не одржа говор, но беше забележано дека кралицата неколку пати суптилно се поклони на ковчегот на Дијана. Дијана е погребана на имотот на нејзиниот татко, на остров среде езерото.
Но, и 24 години по нејзината смрт некои теориите на заговор продолжуваат да се шират во јавноста.
Таен разузнавачки план
Еден од сведоците во последната фаза од истрагата во 2008 година беше поранешниот војник Ричард Томлинсон. Тој тврдеше дека Тајната разузнавачка служба смислила план за атентат на Дијана, по моделот на планот за атентат на Слободан Милошевиќ, кој бил замислен во 1992 година, но никогаш не бил спроведен. Томлинсон изјави дека возачот на принцезата, Хенри Пол, бил во договор со тајната служба и дека намерно ја предизвикал несреќата. Судот ги испита неговите наводи и ги прогласи за лажни. Меѓутоа, деновиве повторно се актуелни тврдењата за вмешаност на тајната разузнавачка служба во смртта на принцезата. „Скај њуз“ објави дека полицијата дошла до писмо, потпишано само со „војникот Н“, во кое еден поранешен војник исто така вели дека убиството било нарачано од британската армија, а потоа го прикрила целиот случај. Јавноста беше изненадена и од шпекулациите за личниот дневник на Дијана, во кој таа наводно напишала дека „ја бркаат и сакаат да ја убијат“. Од кралското семејство не се огласија, а полицијата истакна дека ќе ја истражи приказната за дневникот и писмото од војникот, но дека нема повторно да ја отворат истрагата.
Бременост
Една од најпопуларните теории на заговор е дека Дијана е убиена затоа што била бремена со дете од тогашниот љубовник Доди Фајед. Таа планирала да се омажи со него по разводот од принцот Чарлс. Кралското семејство наводно не можело да го поднесе срамот, па принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета, лично наредил принцезата да биде „отстранета“. Тие дополнително беа изнервирани што Фајед е Египќанец и муслиман.
Фантомски „Фиат“
Анализата на остатоците од „мерцедесот“ во којшто се возела Дијана утврдила дека автомобилот имал контакт со бело „фиат уно“ пред несреќата во парискиот тунел. Мухамед Фајед, таткото на Доди, тврдел дека „фиатот“ бил намерно поставен за да го блокира патот до „мерцедесот“. Но белиот автомобил никогаш не бил пронајден.
Исклучени камери
Во своето сведочење во 2003 година, Мухамед Фајед истакнал дека тунелот Понт де л’ Алма, во кој се случи несреќата, е опремен со најмалку десет безбедносни камери. Сомнително е што ниту една камера не го снимила моментот кога „мерцедесот“ удрил во столбот, поради што Фајед тврдел дека намерно биле исклучени.
Расипани безбедносни појаси
Ниту Дијана ниту Доди не носеле појаси за време на несреќата. Француските истражители во 1998 година објавија дека сите појаси биле во функција, но дека парот не сакал да се врзува. Британците во 2005 година повторно ги анализирале остатоците од автомобилот и утврдиле дека само појасот на Дијана не работел, иако се верува дека се расипал откако „мерцедесот“ удрил во столбот.
Возач како таен агент
Ричард Томлинсон не е единствениот кој изјавил дека возачот Хенри Пол всушност бил во договор со тајната разузнавачка служба. Многу Британци веруваат во оваа верзија на приказната. Во прилог на тоа е и фактот што возачот во моментот на несреќата имал голема сума пари со себе, па се претпоставува дека планирал да избега.
Дијана им го смени животот на многумина. Таа важеше за една од најблагородните жени во тогашна Велика Британија. Се занимаваше со добротворна работа и секогаш беше приземна и љубезна. Јавноста ја обожаваше, а модните критичари и стилисти се восхитуваа на нејзините комбинации на облека и ја нарекуваа муза. Таа беше запаметена и како првата жена што прегрна маж болен од ХИВ на националната телевизија, во време кога таквите теми сè уште беа табу.